Израелскиот претседател на комеморација за убиените олимпијци во 1972 година во Минхен

Израелскиот претседател Исак Херцог

Израелскиот претседател Исак Херцог ќе присуствува на утрешната церемонија во Минхен, Германија по повод 50-годишнината од терористичкиот напад извршен од палестинските милитанти во кој загинаа 11 израелски спортисти на Летните олимписки игри во 1972 година, објави неговиот кабинет на 4 септември.

Херцог го опиша нападот како „страшен масакр“. На церемонијата, чиј домаќин ќе биде германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, се очекува да присуствуваат и околу 70 членови на семејствата на жртвите. Делегација ќе испрати и израелскиот олимписки комитет.

На 5 септември 1972 година, милитантите на палестинската група „Црн септември“ упаднаа во просториите на израелскиот олимписки тим во Минхен. Две лица беа смртно застрелани во првичниот напад, а други девет беа земени како заложници.

Следниот ден, за време на неуспешниот обид за нивно спасување од страна на германските безбедносни сили, сите девет заложници беа убиени, како и пет од осумте милитанти.