Турција може да посредува во ќор-сокакот за украинската нуклеарна централа Запорожје, која е окупирана од руските сили, му рекол претседателот Реџеп Таип Ердоган на неговиот руски колега Владимир Путин за време на денешниот телефонски разговор.
„Претседателот Ердоган изјави дека Турција може да игра олеснувачка улога во нуклеарната централа Запорожје, како што направија за договорот за жито“, се вели во соопштението од кабинетот на Ердоган, мислејќи на договорот за извоз на жито потпишан во јули од Русија и Украина со Обединетите Нации и Турција како гаранти.
Минатиот месец, Ердоган предупреди на опасност од нуклеарна катастрофа кога ја посети Украина и се сретна со претседателот Володимир Зеленски.
„Загрижени сме. Не сакаме уште еден Чернобил“, рече Ердоган.
Ситуацијата во централата Запорожје, најголемата нуклеарна централа во Европа продолжува да биде извор на голема загриженост за меѓународната заедница. Руските и украинските сили се обвинуваат меѓусебно за гранатирање на централата, што ја зголемува загриженоста за можна нуклеарна катастрофа.
Инспекторите од Меѓународната агенција за атомска енергија изразија загриженост за „физичкиот интегритет“ на објектот.
Турција одржува пријателски врски и со Русија и со Украина. Го снабдуваше Киев со беспилотни летала и одби да се приклучи на западните санкции против Москва поради нејзината неиспровоцирана војна во Украина.