ВМРО-ДПМЕ: Груби лаже, ако имаат пратеници за уставни измени нека ги стават на дневен ред

Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска реагираа дека првиот потпретседател во Владата, Артан Груби кажува лаги. Ако имаат пратеници за уставни измени, како што наведуваат од опозициската партија, уште наредна недела нека ги стават на дневен ред, ако не премиерот Димитар Ковачевски веднаш да си поднесе оставка.

„Прашањето за уставни измени не е прашање дали сме за или против Европска Унија, туку дали сме за или против идентитетско обезличување и прифаќање на бугарските ултиматуми“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Груби денеска изјави дека уставните измени мора да се случат. Според него, проевропското крило кое што е во подем во опозицијата во Собранието ќе даде поддршка за уставните измени.

Уставот не може да се смени само со просто мнозинство, односно потребни се и гласови од пратениците од опозициската партија. Уставните измени беа поставени како услов по потпишувањето на билатералниот Протокол на земјава со Бугарија за откочување на македонскиот евроинтегративен пат.