Ковачевски: Имаме јасен патоказ кон ЕУ

Премиерот Димитар Ковачевски

Премиерот Димитар Ковачевски во интервју за РТС изјави дека Северна Македонија има јасен патоказ на кој начин ќе се одвива пристапувањето на земјата во Европската Унија. Според него, надминати се одделни прашања и дилеми и во преговарачката рамка стои чист македонски јазик, загарантиран е идентитетот на македонскиот народ и целиот преговарачки процес, а историските прашања се дел од работата на Историската комисија и не се дел од преговарачкиот процес.

Обврската на патот кон ЕУ, како што посочува, е уставно прилагодување, а тоа е вклучување на делови од други народи кои живеат во државата. Веќе таква заинтересираност, според премиерот, имаат изразено хрватскиот, црногорскиот, бугарскиот народ, како и други како што е еврејскиот.

Истакнувајќи дека тој самиот смета дека ова е добро, бидејќи постојат држави во ЕУ коишто имаат и по 25 делови од народи во својот Устав, а ние веќе имаме други народи во Уставот како што се српскиот народ, влашкиот, албанскиот, ромскиот и така натаму.

„Ние сме мултикултурно, мултиконфенсионално, мултиетничко општество и јас секогаш велам дека Северна Македонија е Европа во мало бидејќи ЕУ е заедница на различности, а Северна Македонија е токму држава во која што сите заедници односно сите народи, граѓани без разлика на нивната припадност имаат еднакви можности за личен и професионален напредок“, рече Ковачевски во интервју за РТС.

ВМРО-ДПМНЕ се противи на уставни измени, односно внесување на Бугарите во Преамбулата и најави дека нема да гласа за нив. Уставот не може да се смени само со просто мнозинство, односно потребни се и гласови од пратениците од опозициската партија. Уставните измени беа поставени како услов по потпишувањето на билатералниот Протокол на земјава со Бугарија за откочување на македонскиот евроинтегративен пат.