Од СДСМ денеска соопштија дека партијата во услови на глобална криза и недостаток на енергенси, презема мерки за максимално зголемување на домашното производство на електрична енергија и заштита на граѓаните во време на криза преку субвенционирање на 80 отсто од цената на струјата за граѓаните.
„За разлика од СДСМ, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ седат на страна, кочат, блокираат, одмагаат наместо да им помогнат на граѓаните, на државата. Тоа е истиот тој Мицкоски, кој останува запаметен како најнеуспешен директор на ЕЛЕМ и советник за енергетика во владата на Груевски. Во времето на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски без енергетска криза и со многу ниски цени на светските брзи, цената на струјата беше зголемена за 100%, а се набавуваше електрична енергија по цена 3-4 пати повисока од пазарната“, соопштија од владејачката партија.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пак на Фејсбук реагираше на соопштението на СДСМ за тоа како, според него, „се пљачка Македонија, граѓаните и ЕЛЕМ, денешно ЕСМ!“.
Мицкоски наведува дека ЕСМ/ЕЛЕМ распишал оглас за продажба на ноќни вишоци на струја за периодот од 1 до 5 август, од 2 до 7 часот во вкупна количина од 1250 MWh. Цената по која овие ноќни вишоци, како што посочува тој, се продадени е 245,37/MWh! За истиот тој период цената на струјата на HUPX (референтна берза при утврдување на цената на струјата во Македонија) е 372,21 €/MWh. Разликата во цена, според Мицкоски, е 158.550 евра.
„Заклучок: Македонија, граѓаните и ЕЛЕМ/ЕСМ за само 25 часа се оштетени за близу 10.000.000 денари и наместо вишоците да бидат понудени на стопанството кое плаќа според HUPX струја и грчевито се бори да опстане и да ги задржи работниците, парите се крадат и завршуваат во приватни џебови“, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.