Милиони луѓе се евакуирани во Пакистан додека земјата се подготвува за повеќе поплави

Некои проценки велат дека една третина од Пакистан моментално е под вода

Спасувачките работници - поддржани од воени хеликоптери и чамци – и натаму се обидуваат да евакуираат милиони луѓе од оддалечените села во јужен Пакистан, додека регионот се подготвува за уште поплави, соопштија официјални лица. Речиси 20.000 кубни метри вода во секунда сега тече низводно од северот на земјата и наскоро ќе стигне до големите градови во Синд, соопшти Агенцијата за управување со катастрофи. Синд е најтешко погодената провинција во серијата поплави што се случија од средината на јуни. „Се обидуваме да дојдеме до луѓето кои сè уште се среде вода без храна и засолниште“, изјави Рустам Џамали, спасувачки работник во Синд за новинската агенција ДПА.

Пакистан бара помош за справување со поплавите

Бројот на загинати од поплавите достигна 1.208 и се очекува да се зголеми. Здравствените експерти предупредија за можна појава на заразни болести и други болести во подрачјата погодени од поплавите. Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека поплавите оштетиле најмалку 888 медицински установи, отежнувајќи го одговорот на земјата на здравствените кризи по катастрофата. Владата вели дека повеќе од 33 милиони луѓе - или 15 отсто од 220-милионското население - биле погодени од поплавите што ги однесоа домовите, деловните субјекти, инфраструктурата и патиштата и ги уништија посевите. Некои проценки велат дека една третина од земјата моментално е под вода.

ОН: шумските пожари и поплавите можат да се спречат

Обединетите нации апелираа за помош од 160 милиони долари во, како што ја нарекоа, „климатската катастрофа без преседан“. СЗО соопшти дека повеќе од 6,4 милиони луѓе имаат итна потреба од хуманитарна помош.