Вино и политика
ЗАПАДЕН БАЛКАН - Од денеска до 4 септември во Белград во рамки на Иницијативата Отворен Балкан, Србија, Северна Македонија и Албанија ќе го одржат Првиот меѓународен саем за вино Винска визија на Отворен Балкан, лидерски самит на претседателот Александар Вучиќ, премиерите Димитар Ковачевски и Еди Рама, како и македонска вечер чиј домаќин е македонскиот премиер Димитар Ковачевски. На Самитот ќе присуствуваат и црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ, претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија и министрите за надворешни работи на Унгарија и Турција, Петер Сијарто и Мевлут Чавушоглу.
РУСИЈА - Лукоил, најголемата руска приватна нафтена компанија и една од ретките што изрази противење на војната на Кремљ во Украина, соопшти дека нејзиниот претседател починал по „сериозна болест“, оспорувајќи ги извештаите на локалните медиуми дека тој паднал од прозорецот на болницата.
МАКЕДОНИЈА / СРБИЈА - Северна Македонија и Србија ќе потпишат меморандум за заедничка соработка и размена на искуства во евроинтеграциите бидејќи и двете држави немаат лесен пат кон Европската Унија, а имаат многу допирни точки. Ова е договорено на денешната средба во Белград во рамки на Отворен Балкан, меѓу македонскиот вицепремиер за европски прашања Бојан Маричиќ и српската министерка за евроинтеграции Јадранка Јоксимовиќ.
МАКЕДОНИЈА - Сè уште не е исплатена субвенцијата за парно од 100 милиони денари, за февруари, март и април 2022 година што согласно Одлуката на Владата беше пресметана во фактурите, соопштија од БЕГ. Ова следи по денешната изјава на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимовски, дека високите августовски сметки за парно што ги добија скопјани се должат на тоа што не е пресметана владината субвениција, па затоа побара од БЕГ нивно сторнирање.
ФИНСКА - Финска денеска го намали бројот на издадени визи на руски државјани на една десетина од редовниот број. Овој потег се смета за демонстрација на солидарност со Украина.
МАКЕДОНИЈА - Без учебници за четири одделенија денеска започна училишната година. Како што изјави министерот Јетон Шаќири, за учебниците по новата Концепција има законски постапки, треба да заврши постапката за економски оператор и учениците од прво, второ, четврто и петто одделение да ги добијат учебниците. Дотогаш, истакна министерот, тие ќе учат од соодветните материјали што ги подготви Бирото за развој на образованието.
ПОЛСКА - Полската влада вели дека ќе бара отштета од околу 1,3 билиони евра за трошоците направени од источноевропската нација во Втората светска војна. Откако дојде на власт во 2015 година, полската владејачка партија Право и правда (ПиС), поранешната партија на претседателот Анджеј Дуда, го поттикна прашањето за воените репарации, велејќи дека Германија има „морална должност“ во врска со ова прашање. Вицепремиерот Јарослав Качински, шеф на ПиС (на фотографијата), на 1 септември рече дека очекува „долг и тежок“ процес со Германија околу ова прашање.
УКРАИНА - Мисијата на нуклеарната агенција на Обединетите нации во нуклеарната централа Запорожје е одложена поради извештаите за гранатирање што принуди еден од реакторите на централата да биде исклучен. Конвој со инспекторите од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) чекаше на украинскиот контролен пункт на околу 20 километри од линијата на фронтот, соопшти на денеска украинскиот државен енергетски оператор Енерхоатом. Рафаел Гроси, шефот на МААЕ останува решен дека мисијата - која се очекува да биде одложена за неколку часа - да стигне до нуклеарната централа како што е планирано, изјави портпаролот на агенцијата.
РУСИЈА - Русија започна големи воени вежби на истокот на земјата, во кои учествуваат сили од Кина - што е приказ на сè поблиски одбранбени врски меѓу Москва и Пекинг во услови на тензии со Западот поради војната во Украина. Вежбата „Восток 2022“ се одржува на различни локации на Далечниот Исток на Русија и Јапонското Море и во неа учествуваат повеќе од 50.000 војници, над 5.000 единици вооружување, вклучувајќи 140 авиони и 60 воени бродови, соопшти руското Министерство за одбрана. Вежбата ќе заврши на 7 септември.
БУГАРИЈА - Бугарскиот преоден министер за енергетика Росен Христов за БНТ изјави дека неговата земја ги почнала преговорите со „Газпром“ и се обидува да постигне позитивен исход од преговорите и продолжување на испораките под услови поволни за неа. Христов изјави дека клаузулите од договорот се доверливи, како и сите преговори и размена на информации. Тој информира дека се водат исклучително интензивни разговори и се надева дека наскоро ќе има позитивен резултат.
КИНА - Високиот комесар на ОН за човекови права во заминување, Мишел Бачелет, го обвини Пекинг за „сериозно кршење на човековите права“ и можни „злосторства против човештвото“ во западниот регион каде кинеското раководство е обвинето за масовни приведувања и друго малтретирање на Ујгурите и другите малцинства.