Македонското вино тема на муабет меѓу премиерот Ковачевски и тенискиот ас Ѓоковиќ

Најпознатиот српски тенисер на саемот „Винска визија на Отворен Балкан“

Светскиот тениски ас Новак Ѓоковиќ вечерва го посети саемот „Винска визија на Отворен Балкан“ во Белград, каде се сретна со балканските лидери, меѓу кои и македонскиот премиер, Димитар Ковачевски.

Како што напиша премиерот Ковачевски на својот ФБ профил, со него поразговарале за македонското вино.

„Светскиот тениски ас Новак Ѓоковиќ, покрај љубовта кон тенисот има уште една пасија, а тоа е виното. Семејството Ѓоковиќ има своја винарија и денес со задоволство поразговаравме за македонското вино кое добро го познава. Убавото вино ги поврзува луѓето, а саемот во Белград е прекрасна можност за поврзување на земјите од регионот“, напиша Ковачевски.

На средбата присуствуваа и српскиот претседател Александар Вучиќ, како и црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ.

Првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска Визија на Отворен Балкан“, се одржува во рамките на Самитот Отворен Балкан во следните четири дена во Белград, под покровителство на Република Србија, Република Северна Македонија и Република Албанија.

Под слоганот „Вкуси го животот”, нашата земја ќе се претстави пред сѐ со 42 винарии и три дестилерии кои пред посетителите ќе презентираат повеќе од 300 различни типови македонски вина и ракии.

Како дел од активностите во Белград ќе се одржи и традиционалниот лидерски политички самит на Отворен Балкан предводен од претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски и премиерот на Албанија, Еди Рама.