Финска сериозно го ограничи издавањето туристички визи на Русите

Илустративна фотографија

Финска денеска го намали бројот на издадени визи на руски државјани на една десетина од редовниот број. Овој потег се смета за демонстрација на солидарност со Украина.

Финска, која ја дели најдолгата граница со Русија споредено со останатите земји членки на Европската унија, ја објави одлуката во август по зголемениот притисок од политичарите и обичните граѓани да го ограничи движењето на руските туристи низ нордиската земја додека Москва продолжува со војната во Украина.

„Важно е да се покаже дека кога Украинците страдаат, туризмот не треба да функционира нормално“, рече финскиот министер за надворешни работи Пека Хаависто за време на вчерашниот состанок на министрите за надворешни работи на Европската унија во Прага.

Од 1 септември Финска ќе им дозволува на Русите да аплицираат за туристичка виза само еднаш неделно во само четири руски градови: Москва, Санкт Петербург, Мурманск и Петрозаводск во близина на финската граница.

Хаависто рече дека е особено загрижен за „некаков вид руска туристичка рута“, што имплицира дека некои Руси летаат до други европски земји преку аеродромот во Хелсинки, со што ги заобиколуваат забраните за летови воведени по руската инвазија на Украина.

Паралелно, Министерството за надворешни работи на Финска соопшти дека владата во моментов ја истражува можноста да им помогне на руските бранители на човекови права, членовите на граѓанското општество и новинарите кои го критикуваат Кремљ преку воспоставување нови видови хуманитарни визи за пристап до Финска.

На состанокот во Прага оваа недела, министрите за надворешни работи на ЕУ одлучија да ги заострат правилата за патување на Русите во 27-члениот блок, но не успеаја да постигнат консензус за целосна забрана на туристичките визи.

Москва пак денеска одлуката на ЕУ за укинување на поедноставениот визен режим за руските туристи ја оцени како апсурдна и лоша вест за руските граѓани.