Без учебници за четири одделенија денеска започна училишната година. Како што изјави министерот Јетон Шаќири, за учебниците по новата Концепција има законски постапки, треба да заврши постапката за економски оператор и учениците од прво, второ, четврто и петто одделение да ги добијат учебниците.
Дотогаш, истакна министерот, тие ќе учат од соодветните материјали што ги подготви Бирото за развој на образованието.
„Националниот совет за учебници е формиран во февруари и имаа повик за анонимни автори за учебниците. Некои од учебниците се веќе одобрени од Советот и тука за нив е завршена постапката. Потоа имаме постапка за економскиот оператор која сѐ уште не е завршена. За децата да немаат пропусти во образовниот процес, од БРО побаравме материјали кои се подготвени навремено. Тие се за периодот од тримесечјето, но истовремено ќе пристигнуваат учебниците, воедно ќе го продолжиме и концептот на дигитализација“, изјави Шаќири.
Околу 255 илјади основци и средношколци денеска ја почнаа учебната 2022/2023 година во која наставата, по две пандемиски години, стартува без антиковид-протоколи и заштитни маски.
За учениците од прво, второ, четврто и од петто одделение се подготвени нови наставни програми за предметите, согласно Концепцијата за основно образование која од лани се спроведува етапно и, според планот, треба да биде заокружена за пет години во целото деветгодишно образование.
Наставниците, пак, со платата за септември ќе добијат зголемување од 15 отсто договорено меѓу МОН и СОНК по организираниот штрајк пролетта.