Поскапе огревното дрво од „Национални шуми“ за 20%

Илустративна фотографија

Владата даде согласност за побараното поскапување од 20% на огревното дрво на ЈП „Национални шуми“, информираше в.д. директорот на претпријатието Валентин Груевски.

Поскапувањето на огревното дрво беше побарано пред повеќе од еден месец, но за тоа да се случи, беше неопходна согласност од Владата.

„Управниот одбор на ЈП Национални шуми на 21 јули донесе одлука за зголемување на цените на главните шумски производи и за таа одлука чекавме согласност од Владата и ја добивме на 31 август. Национални шуми од вчера веќе ги продава своите производи со повисоки цени за 20 проценти од досегашните“, изјави Груевски.

Со ова поскапување, цената на кубик даб за огрев од 2.454 денари со ДДВ од вчера се продава за 3.000 денари со ДДВ, а буката е за 100 денари поевтина.

Сите други производи, вклучувајќи ги и трупците за индустријата, Груевски рече дека се со 20 проценти повисоки цени.

Со дрва за огрев директно од претпријатието се снабдуваат јавните објекти како училиштата и градинките, но и дел од пензионерите. Претпријатието со дрва ги снабдува и приватните сккладишта, но таму цената на огревното дрво може да стигне и до двојно повисока цена за крајните потршувачи.

Годинава побарувачката за огревно дрво е голема, поради енергетската криза и стравот од тоа дали ќе има струја и по која цена. Надлежните во меѓувреме смируваат дека нема да има рестрикции во пресрет на новата грејна сезона.