Македонскиот премиер Димитар Ковачевски, на отворањето на Првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска Визија на Отворен Балкан“ во Белград изјави дека Отворен Балкан денеска покажува што значи интеграција, олеснет пристап, практична примена на политика на отворени врати и на добрососедство.
„Денеска тука ги поврзуваме нашите економии, отвораме нови пазари и пласмани, обезбедуваме простор за размена на нови идеи, технологии и пристапи за работа“, изјави македонскиот премиер.
На отворањето на саемот каде присуствуваа и премиерот на Албанија, Еди Рама и претседателот на Србија Александар Вучиќ, Ковачевски истакна дека тука се вкрстуваат винските патишта на Балканот, со тоа што на едно место се пресретнуваат производителите, откупувачите и дестилариите од регионот.
Македонските винарии минатата година бележат зголемување од 19 проценти на извозот во споредба со 2020 година, а нивниот број е зголемен на 139, со просечно годишни производство од околу 100 милиони литри.
Овој саем, нагласи Ковачевски, е можност за воспоставување нова динамика во регионалните односи и обезбедување економски просперитет за граѓаните и компаниите.
Првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска Визија на Отворен Балкан“, се одржува во рамките на Самитот Отворен Балкан во следните четири дена во Белград, под покровителство на Република Србија, Република Северна Македонија и Република Албанија.
Под слоганот „Вкуси го животот”, нашата земја ќе се претстави пред сѐ со 42 винарии и три дестилерии кои пред посетителите ќе презентираат повеќе од 300 различни типови македонски вина и ракии.
Во рамки на активностите во Белград ќе се одржи и традиционалниот лидерски политички самит на Отворен Балкан предводен од претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски и премиерот на Албанија, Еди Рама.