Сметките за парно што за август ги добија скопјани високи бидејќи во нив не е вкалкулирана субвенцијата што ја дава Владата, информираше претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски. Тој истакна дека РКЕ бара БЕГ да ги сторнира сите августовски сметки и да изготви нови, каде ќе биде вкалкулирана субвенцијата.
На оние граѓани кои веќе ги платиле сметките, ќе треба да им биде вратена разликата во сумата во наредните сметки, независно дали дејноста ќе ја врши БЕГ или некоја друга компанија.
„Средства во Буџетот на државата се обезбедени. Исто така, има одредена одлука која што е донесена веќе еднаш. Доколку е таа со изминат рок ќе се донесе нова одлука со која што уште еднаш ќе се потврди дека потрошувачите на топлинска енергија во Градот Скопје ќе ги добијат субвенциите“, рече Бислимоски.
Тој нагласи дека е невообичаено сметките да се испраќаат на 30 и 31 август , бидејќи месецот не бил се уште завршен. Во однос на набавката на гас за парното во претстојната грејна сезона, претседателот на РКЕ рече дека има информации оти компанијата што планира да го преземе снабдувањето со топлинска енергија е во комуникација со најголемиот трговец со природен гас во земјава за да го обезбеди овој енергенс за потребите на домаќинствата.
„Верувам дека ќе биде обезбеден гас, а и ТЕ-ТО ќе работи во септевмри“, изјави Бислимоски.
Изминатите два дена на социјалните мрежи голем број граѓани се жалеа дека добиле за 40-тина отсто повисоки сметки за парно греење од БЕГ. Од 1 август цената на парното греење беше зголемена за 14,18 проценти, со последната одлука на РКЕ.
РКЕ пред неколку месеци и ги одзема трите лиценците на оваа компанија. Ова се случи откако БЕГ пријави сериозни трошоци за изминатата година, па на почетокот на 2022 година, државната ЕСМ го презеде управувањето и со парното во Скопје.
Како причина беше наведена високите цени на енергенсите, поради што компаниите не можеа да обезбедат финансирање на грејната сезона без државна помош.