Министерството за здравство соопшти дека привремено е затворена Клиниката за ТОАРЛИУЦ-КАРИЛ, откако дел од просториите се поплавиле по вчерашното невреме.
До Клиниката стигнало и официјално соопштение потпишано од министерот за здравство, Беким Сали.
Во писмото е наведено дека заради технички проблеми на единицата за интензивно лекување ЈЗУ УК ТОАРЛИУЦ КАРИЛ сите пациенти кои бараат интензивна нега и лекување ќе се препраќаат во неколку здравствени установи до санацијата на дефектот.
Пациентите од Скопје ќе бидат препратени во ГОБ „8 Септември“ и КБ „Наум Охридски“, пациентите од источна Македонија во КБ Штип, пациентите од централна Македонија во КБ Битола и пациентите од западна Македонија во КБ Тетово, се вели во соопштението.
Вчера поради невремето во Скопје беа поплавени улици, паркинзи, подруми, гаражи, многу искршени дрвја и билборди, но и заглавени луѓе во своите автомобили.