Наставниците во основното и средното образование од септември ќе добиваат повисоки плати за 15 отсто.
Ова денеска го соопшти Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), наведувајќи дека за повисоките плати била потпишана спогодба меѓу СОНК и Министерството за образование и наука (МОН).
Информацијата ја потврди претседателот на СОНК Јаким Неделков.
На денешна прес-конференција и министерот за образование и наука Јетон Шаќири соопшти дека наставниците ќе добијат „историско покачување“ со септемвриската плата.
Според спогодбата потпишана од лидерот на СОНК Неделков и министерот Шаќири, најниската плата за најниската сложеност за вработените во основните училишта изнесува 16.973 денари, а таа ќе се применува со исплата за септември 2022 и понатаму.
Во документот е утврдено дека основната плата на работникот не може да биде пониска од објавената висина на минималната плата во бруто износ во земјава во тековната година.