Тимот инспектори за нуклеарна безбедност на ОН пристигна во градот во близина на нуклеарната централа Запорожје, на итната мисија поради меѓународната загриженост за потенцијална катастрофа во објектот окупиран од Русија.
Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси којшто ја води мисијата веќе рече дека е можна подолготрајна мисија од онаа што ја предвидуваа Русите кои ја контролираат областа, околу 450 километри југоисточно од Киев.
Гроси, изјави дека се надева оти ќе биде воспоставена постојана мисија во Украина за следење на најголемата нуклеарна централа во Европа.
„Овие операции се многу сложени. Одиме во воена зона. Одиме на окупирана територија. И ова бара експлицитни гаранции, не само од Русите, туку и од Република Украина“, рече Гроси во главниот град на Украина пред заминувањето на мисијата.
„Ние успеавме да го обезбедиме тоа. ... Значи, сега се движиме“, им рече Гроси на новинарите во Киев.
„Навистина сум свесен за релевантноста на овој момент, но ние сме подготвени. МААЕ е подготвена. Ќе поднесеме извештај по мисијата. Ќе поминеме неколку дена таму“, додаде тој.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја нарече инспекцијата „веројатно едно од најважните прашања во врска со безбедноста на Украина и светот денес“.