Инспектори на ОН се упатија кон нуклеарната централа Запорожје

Фотографија објавена на 29 август 2022 година на официјалниот Твитер профил на Меѓународната агенција за атомска енергија, на која е шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија Рафаел Гроси и тимот од 13 луѓе

Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси, изјави дека се надева оти ќе воспостави постојана мисија во Украина за следење на најголемата нуклеарна централа во Европа.

Тим од нуклеарни инспектори на ОН денеска се упати кон нуклеарната централа Запорожје во јужниот дел на Украина, поради меѓународната загриженост за потенцијална несреќа.

„Овие операции се многу сложени. Одиме во воена зона. Одиме на окупирана територија. И ова бара експлицитни гаранции, не само од Русите, туку и од Република Украина“, рече Гроси во главниот град на Украина пред заминувањето на мисијата.

„Ние успеавме да го обезбедиме тоа. ... Значи, сега се движиме“, им рече Гроси на новинарите во Киев.

„Навистина сум свесен за релевантноста на овој момент, но ние сме подготвени. МААЕ е подготвена. Ќе поднесеме извештај по мисијата. Ќе поминеме неколку дена таму“, додаде тој.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја нарече инспекцијата „веројатно едно од најважните прашања во врска со безбедноста на Украина и светот денес“.