Од Бочварски до Горбачов

УКРАИНА / РУСИЈА / ЕУ - Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ја повика Европската унија да им забрани на сите Руси освен политичките неистомисленици да патуваат во Европската Унија (ЕУ) со образложение дека неиспровоцираната инвазија на Москва ужива широка поддршка во земјата.

ЕУ - Министрите за одбрана на ЕУ кои се состанаа во чешкиот главен град се согласија за формирање мисија за воена обука за украинските сили, со цел да се помогне на Украина во одбраната од руската инвазија, изјави шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.

МАКЕДОНИЈА / САД - Американската амбасадорка Кејт Брнз денеска порача земјава да продолжи со реформите дури и кога тие, како што нагласи, предизвикуваат одредени политички поделби. Според амбасадорката, еден од најголемите предизвици со кои се соочува Северна Македонија е корупцијата која го поткопува доброто владеење и ја саботира економската конкурентност.

ШВАЈЦАРИЈА - Можно е да се елиминира епидемијата на мајмунски сипаници во Европа, изјавија денеска претставници на Светската здравствена организација, нагласувајќи докази дека бројот на случаи се забавува во неколку земји. Има охрабрувачки знаци за одржлив пад од недела во недела на појавата на случаи во многу европски земји, вклучувајќи ги Франција, Германија, Португалија, Шпанија и Британија, како и забавување во некои делови на Соединетите држави, и покрај оскудната вакцина залихи.

ГЕРМАНИЈА - Германија сега е „во многу подобра позиција“ да се соочи со „заканите“ од Русија, вклучително и гасната криза што настана по руската инвазија врз Украина, изјави денеска германскиот канцелар Олаф Шолц. Рускиот гигант Газпром се подготвува утре на три дена да ја прекине испораката на гас преку гасоводот Северен тек поради „одржување“. Сите мерки што Германија ги презеде за да го гарантира своето снабдување „придонесоа денес да бидеме во многу подобра ситуација отколку што се предвидуваше пред неколку месеци“, рече Шолц пред состанокот на германската влада.

СРБИЈА / КОСОВО - Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска изјави дека не гледа начин проблемот со приштинските регистарски таблички да се реши пред 1 септември и изрази уверување дека Косово сигурно ќе започне кампања за промена на табличките за Србите. „Мислам дека нема да имаат голем успех во тоа. Иако косовскиот премиер Албин Курти во Брисел рече дека ќе бидат успешни и дека Србите ќе бидат заинтересирани да ги заменат регистарските таблички.

ИРАК - 23 лица биле убиени во насилствата што избувнале во Зелената зона во Багдад кога следбениците на влијателниот ирачки свештеник Моктада ал-Садр упаднале во владините згради во услови на зголемени тензии со ривалските шиитски групи поддржани од Иран. Најмалку 380 други биле ранети во вчерашните немирите што избувнаа по најавата на Ал Садр дека ќе поднесе оставка од политиката. Иран ги затвори своите копнени граници кон Ирак на 30 август откако летовите кон земјата беа стопирани поради насилството. Одлуката дојде додека милиони Иранци се подготвуваа да го посетат Ирак на годишен аџилак на шиитските места.

ПАКИСТАН - На Пакистан ќе му требаат повеќе од 10 милијарди долари за санирање на штетите предизвикани од поплавите предизвикани од монсунските дождови и за обнова на оштетената инфраструктура, изјави денеска министерот за планирање и развој Ахсан Икбал. „Нанесена е огромна штета на инфраструктурата, особено во секторите за телекомуникации, патишта, земјоделство и егзистенција“, изјави тој. Најмалку 1.136 лица загинаа од јуни, поплавите однесоа голем број домови и уништија земјоделско земјиште.

МАКЕДОНИЈА - Поплавени улици, паркинзи, подруми, многу откорнати дрвја, паднати билборди и луѓе заглавени во своите автомобили остави зад себе невремето кое го зафати главниот град. Градоначалничката Арсовска свика итен кризен штаб. Екипите на ЦУК се на терен, засега нема информации за настанатите штети.

РУСИЈА - Повеќе руски медиуми објавија дека поранешниот советски лидер Михаил Горбачов починал на 92-годишна возраст. Тие цитираат официјални лица од Централната клиничка болница во Москва кои велат дека тој починал доцна на 30 август „по тешко и продолжено боледување“.

МАКЕДОНИЈА - Владата ќе ги поедностави процедурите за поставување на фотоволтаични електрани на покривите на домаќинствата и стопанските објекти. Измените и дополнувањата на законските измени се усвоени на денешната владина седница. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски вели дека клучно во измените е дека на граѓаните и на фирмите нема да им биде потребно одобрение или решение од општината за поставување фотонапонски централи како што беше досега.