ЕУ ќе започне мисија за воена помош на Украина

Министрите за одбрана на ЕУ кои се состанаа во чешкиот главен град се согласија за формирање мисија за воена обука за украинските сили, со цел да се помогне на Украина во одбраната од руската инвазија, изјави шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.

Борел претседава со дводневниот состанок на министрите за одбрана и за надворешни работи од сите 27 земји-членки на ЕУ во Прага .

„Има многу иницијативи, но потребите се огромни и ние треба да обезбедиме кохерентност на овие иницијативи“, рече Борел по состанокот на министрите за одбрана.

Министрите разгледуваат како нивните земји би можеле да помогнат во обуката на украинските сили.

„Можам да кажам дека сите земји-членки јасно се согласуваат за тоа и за започнување на дефинирање на параметрите за мисијата на ЕУ за воена помош за Украина“, рече Борел.

ЕУ ќе ја разгледува можноста за обука на украинските сили

Тој, исто така, рече дека шефовите на одбраната на ЕУ дебатирале за начините за зајакнување на производството на оружје бидејќи Западот ги помага украинските воени сили во шестмесечната војна.

„Ги исцрпуваме нашите воени залихи“, рече Борел. „Обезбедуваме толку многу капацитети за Украина што мораме да ги надополниме нашите залихи“.

ЕУ започна повеќе од 30 мисии и операции во текот на изминатите 20 години со цел одржување на мирот, спречување конфликти и зајакнување на меѓународната безбедност надвор од нејзините граници