Координација за следните активности на Собранието

Македонско собрание

Пратениците денеска официјално започнуваат со работа по годишните одмори. Претседателот на Собранието Талат Џафери, според најавите, денеска треба да одржи средба со потпретседателите на Парламентот и со координаторите на пратеничките групи на која треба да се договори динамиката на работа за неделава и периодот што доаѓа. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека и натаму ќе ја продолжат блокадата на собранието. Координаторот на пратеничката група Никола Мицевски вчера изјави дека нема да присуствува на денешната координација, бидејќи и претходно договореното за текот на работа, власта не го почитувала. Во следниот период најавува дека ВМРО-ДПМНЕ во Собрание ќе бара детални извештаи за трошоците на државата во прогласена кризна состојба.

Џафери: „Нема потреба од предвремени избори“

Засега на веб – страната на Собранието нема закажани активности. Меѓу првите активности во Собранието се очекува ќе биде продолжување на работата на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата за изборот на уставните судии за да може што поскоро да се пополнат испразнетите места во Уставниот суд. Според најавите од пред одморот може да се очекува да бидат закажани и продолженија на веќе започнати седници. На последната координација со новинарите претседателот на Собранието за 13 септември ја најави првата нова редовна седница по одморот. Пратениците на одмор заминаа официјално по Илинденските празници.