Од Скопје до Месечината

УКРАИНА - Украина ја започна долгоочекуваната противофанзива на југот на земјата, соопшти украинската јужна воена команда. „Денеска започнавме офанзивни акции во различни правци, вклучувајќи ја и Херсонската област“, објави украинската јавна телевизија Сусплине, повикувајќи се на портпаролката на јужната команда Наталија Хумењук.

ИРАН - Најмалку 12 лица загинаа во Зелената зона во Багдад, откако стотици приврзаници на влијателниот шиитски свештеник Муктада ал-Садр упаднаа во владините згради во ек на зголемени тензии со противничките шиитски групи, кои се поддржани од Иран.

СРБИЈА - Србија е сцената на која преку посредници се води војна меѓу Истокот и Западот, изјави денеска претседателот Александар Вучиќ за Ројтерс, ден откако противниците на парадата на гордоста вееја руски знамиња низ улиците на Белград и носеа слики од рускиот претседател Владимир Путин.

ФРАНЦИЈА - Двајца пилоти на Ер Франс се под истрага по физичка пресметка во кабината на летот Женева-Париз во јуни. Тепачката ги натера француските истражители да повикаат на построги безбедносни протоколи, соопштија денеска од Ер Франс.

ЕУ - Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска на отворањето на 17. Бледски стратешки форум изјави дека рускиот претседател Владимир Путин не смее да ја добие војната со Украина, туку Украина, наведувајќи дека ЕУ ја поддржува интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, од која што зависи напредокот на регионот.

САД - Протекување на гориво ја принуди НАСА да го одложи лансирањето нова ракета на Месечината, на тест лет без екипаж. Лансирањето нема да се случи пред 2 септември. Ракетата Систем за вселенско лансирање, долга 98 метри, требаше да полета рано утринава со три тест кукли на својот прв лет, на мисија за поставување капсула во орбитата на Месечината.

БУГАРИЈА - Студенти од Македонија ќе студираат целосно бесплатно високо образование на државните универзитети во Бугарија – ќе бидат ослободени од сите такси. Тоа е предвидено со измените предложени од бугарскиот службен министер за образование Сашо Пенов, јавија бугарските медиуми.

МАКЕДОНИЈА - На шеесет и четвртата седница на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија што се одржа денеска, Советот го назначи обвинителот Трајче Пеливанов како времена замена на досегашната шефица на Јавното обвинителство, Вилма Русковска. Како што информираа од Советот за МИА, Пеливанов е назначен бидејќи во постапката која се води, а поради која Русковска е времено оддалечена од својата функција, не може да ја врши својата функција, и, како што посочуваат, бидејќи се работи за обвинителство каде што имаме сериозен организиран криминал и не треба да биде без раководител.

МАКЕДОНИЈА - Општина Арачиново ќе биде една од општините што ќе биде позитивен пример и за другите општини, дека навистина елементарните прашања како што е снабдувањето со електрична енергија, но и обврските што ги имаме како граѓани, ќе се одвиваат на фер и непристрасен начин, не дискриминирајќи никого, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

ГЕРМАНИЈА - Земјите од Европската унија, Хрватска, Романија и Бугарија ги исполнуваат условите за да станат полноправни членки на Шенген зоната без пасоши, изјави денеска германскиот канцелар Олаф Шолц. „Шенген е едно од најголемите достигнувања на Европската унија, и ние треба да го заштитиме и развиваме.

САД - Белата куќа соопшти дека на 28 септември во Вашингтон ќе одржи самит со цел да се решат прашањата околу гладот, исхраната и здравјето во САД. Американскиот претседател Џо Бајден рече дека настанот ќе помогне да се реализира целта на неговата администрација да се стави крај на гладот во САД и да се намалат болестите поврзани со исхраната кај мнозинството Американци до 2030 година. Претходниот американски настан од ваков вид се одржа во 1969 година, соопшти Белата куќа.

НОРВЕШКА - Светот мора да продолжи да вади нафта и гас за да ја одржи цивилизацијата, а истовремено да продолжи да развива и одржливи извори на енергија, изјави основачот на Тесла, Илон Маск, на денешната прес конференција во Норвешка. „Реално, мислам дека треба да користиме нафта и гас на краток рок, бидејќи во спротивно цивилизацијата ќе се распадне“, рече Маск.