Министрите за енергетика од Европската унија на 9 септември ќе одржат разговори во обид да најдат одговор на растечките цени на гасот и на струјата, изјави чешкиот министер за индустрија Јозеф Сикела.
„Ќе се сретнеме во Брисел на 9 септември“, рече Сикела, чија влада во моментов е претседавач со ЕУ.
Сикела претходно рече дека на итниот состанок ќе се разговара за предлозите, како што се ограничување на цените на гасот кој се користи за производство на струја, како и за пазарните интервенции.
Чешкиот министер предупреди дека цените на струјата на европските берзи се формираат врз основа на цените на најскапото производство на струја од гас.
„Мораме да ги одвоиме цените на електричната енергија од цената на гасот и со тоа да спречиме Путин во Европа да манипулира со цените на електричната енергија“, рече Сикела.
„Но, Путиновата војна не е единствена причина за растот на цените“, наведе министерот.
Тој додаде дека на руската агресија врз Украина се надоврзала сушата и нискиот водостој на европските реки, што влијае на работата на хидроелектраните, а има и делумен прекин на работа на некои нуклеарни електрани поради ремонт, пред сè во Франција.
Истовремено, украинскиот претседател Володимир Зеленски, во видео обраќање на енергетска конференција во Норвешка, ја обвини Русија дека се обидува да ги спречи европските земји да направат залихи од гас пред да почне зимата.
Неговите коментари доаѓаат во момент кога руски Газпром оваа недела планира одржување, кое ќе го запре протокот на гас низ Северен тек 1, кој ја поврзува Русија со Германија преку Балтичкото Море.