Украина соопшти дека започнала противофанзива на југот на земјата

Илустрација: Украински војници во Херсонската област

Украина ја започна долгоочекуваната противофанзива на југот на земјата, соопшти украинската јужна воена команда.

„Денеска започнавме офанзивни акции во различни правци, вклучувајќи ја и Херсонската област“, објави украинската јавна телевизија Сусплине, повикувајќи се на портпаролката на јужната команда Наталија Хумењук.

Украинските претставници веќе два месеци зборуваат за планирана противофанзива во јужните региони кои ги окупираше Русија.

Хумањук рече дека неодамнешните удари на Украина врз јужните руски логистички рути „несомнено го ослабнале непријателот“, додавајќи дека во текот на минатата недела се погодени повеќе од 10 руски депоа за муниција.
Сепак, таа не даде повеќе детали за новата офанзива, додавајќи само дека руските сили на југот се „прилично моќни“.

Војната во Украина трае од 24 февруари кога Русија ја започна агресијата врз нејзиниот сосед.

Регионалниот руски лидер на Крим Сергеј Аксјонов ги отфрли овие украински тврдења како лажни, велејќи дека украинските сили претрпеле тешки загуби на југот и на други места.