РЕК Битола врши повремено тестирање на постројката „стартна котлара”, чија намена е да дава поддршка на блоковите при потреба за зголемено количество водена пареа за турбините. Таква проверка на функционалноста е направена денеска помеѓу 6:30 и 7:00 часот, при што е утврдено дека истата е функционална и е на располагање да се вклучи во системот во секој момент, за краткотрајно зголемување на снагата на блоковите во одредени куси периоди во текот на производниот процес, информираат од АД Електрани на Северна Македонија. Оттаму посочуваат дека постројката работи на мазут, и во првите моменти од операциите има зголемено испуштање чад и издувни гасови. По извршеното кусо тестирање, стартната котлара е повторно исклучена.
Воздухот во Битола колатерална штета на високата цена за струја
„АД ЕСМ вложува максимално напори за работење по сите стандарди, во услови кога производството на електрична енергија од јаглен и мазут во услови на енергетска криза е неизбежно. Граѓаните да бидат спокојни во однос на посветеноста на компанијата да ги одржува електраните и да вложува во обновливи извори“, се наведува во соопштението од АД Електрани. Претходно, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски објави фотографии и видео за загадување од оџаците на РЕК Битола, наведувајќи: „Кој ќе одговара кривично за овој ЕКОцид?“