Нормализација на односите мора да содржи во себе реципроцитет, како што имплицираат добрососедските односи, изјави денеска косовскиот премиер Алин Курти откако синоќа беше постигнат договор меѓу Косово и Србија за личните документи.
„ Граѓаните на република Косово со документите за лична идентификација кои ги издава нашата земја, ќе можат да ја преминат границата со Србија на сите гранични премини без никакви пречки, или дополнителни оптеретувања и одлагање,“ напиша на социјалната мрежа Фејсбук Курти.
Тој додава дека истото ќе се применува и за оние кои што доаѓаат од спротивна насока, односно за влезот во Косово на граница ќе биде доволно за Србите да покажат само лична карта.
Борел: Постигнат договор меѓу Србија и Косово за личните документи
Курти им се заблагодари на сите за поддршката и трпението, и посочи дека реципроцитетот кој е договорен е во духот на принципиелните разговори кои беа водени во Брисел.
Тој им се заблагодари на медијаторите комесарот на ЕУ за надворешна политики и безбедност Жозеп Борел, специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак и специјалниот претставник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар .
Вчера Борел соопшти дека е постигнат договор меѓу Србија и Косово околу спорното прашање за документи за лична идентификација при меѓугранично движење. Засега нерешено останува прашањето за регистарските таблички на возилата.