Украинските власти почнаа да им делат таблети со јод на жителите во близина на нуклеарната централа Запорожје, окупирана од Русија, за да обезбедат заштита од потенцијално труење со радијација во случај на катастрофа во објектот.
До овој потег доаѓа откако вчера Украина и Русија разменија обвинувања за гранатирање околу локацијата и еден ден откако Русија го блокираше усвојувањето на декларацијата на ОН за нуклеарно разоружување поради спомнувањето на загриженоста околу централата Запорожје.
Експертите изразија загриженост во врска со системите за ладење на нуклеарните реактори на централата откако постројката беше привремено исклучена од мрежа на 25 август, загрозувајќи ја енергијата потребна за работа на системите.
Русија ја блокира декларацијата на ОН за нуклеарно разоружување
Неуспехот на системот за ладење може да предизвика колапс на најголемата нуклеарна централа во Европа.
На 27 август Украина соопшти дека руските сили пукале врз градовите преку реката од објектот, додека Русија тврди дека украинските војници гранатирале зграда во која се складира нуклеарно гориво.
Тврдењата не можеа независно да се проверат. Меѓународната агенција за атомска енергија на ОН (МААЕ) соопшти дека собрала тим инспектори и е подготвена да ја посети локацијата, но дека останува нејасно кога ќе добијат дозвола од руската страна.