Србија и Косово постигнаа договор околу спорното прашање за документи за лична идентификација, изјави денеска комесарот на ЕУ за надворешна политики и безбедност Жозеп Борел. Тој на неговиот официјален профил на социјалната мрежа Твитер објави дека Србија се согласила дека нема да им издава влезни и излезни документи за жителите на Косово, додека Косово се согласи да не воведува такви документи за жителите на Србија.
„Србите што живеат во Косово, како и сите други граѓани, ќе можат да слободно да се движат меѓу Косово и Србија користејќи ја само личната карта. ЕУ доби гаранција од Курти за тоа“ напиша Борел на Твитер.
Тој додава дека ова е европско решение и дека им честита на двајцата лидери за одлуката и лидерството.
Прашањето за регистарските таблички кое досега беше спорно во односите меѓу Србија и Косово се уште не е решено. Специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак ги пофали напорите на специјалниот претставник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар и американската дипломатија за вкучување во дијалогот и постигнувањето на компромис.
Ескобар: Убеден сум дека Србите на северот на Косово нема да видат никаква промена на први септември
Српскиот претседател Александар Вучиќ претходно изјави дека се надева дека ќе се постигне договор околу документите и дека ЕУ ќе даде гаранции за тоа, како и дека Србите не треба да бидат ставени по посебен визен режим.
Како што рече, Србија е подготвена да издаде општо „одрекување“ во кое ќе се наведе дека дозволува употреба на лични карти издадени од Косово, но дека тоа се прави само за да се олесни слободата на движење на поединците и дека тоа не може да се толкува како на признавање на независноста на Косово, не го прејудицира конечниот статус на Косово и не претставува повлекување на Србија од резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации.
Вучиќ додаде дека очекува гаранции од ЕУ за два до четири дена и дека тоа ќе им овозможи на Србите од северот на Косово да влезат и излезат од територијата со документи издадени од Србија.
Кога се во прашање регистарските таблички, српскиот претседател кажа дека не гледа шанса за договор со Косово, додавајќи дека властите во Косово ќе почнат да ја спроведуваат одлуката за пререгистрација на возила од 1 септември, но дека рокот за тоа е два месеци.
Владата на Косово претходно најави дека од 1 август ќе ја спроведе одлуката за пререгистрација на возилата со српски регистарски таблички во РКС – Република Косово, како и одлуката за издавање влезно-излезен документ на граница.