Паралелно со процесот на скрининг има можност во тој период да се заврши и обврската со измена на Уставот, со додавање на некои заедници, како Хрватите, Црногорците и Бугарите во Преамбулата и во уште една точка во Уставот, каде што се споменуваат сите поименично, изјави денеска вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ.
„Од наш аспект содржински нема никаква пречка тоа да се направи. Мислам дека нашиот концепт на Уставот и нашиот амбиент секогаш бил инклузивен за сите заедници. Ние ќе отвориме дијалог со сите политички партии, како Влада, но и со сите пратеници. Сметаме дека ќе има можност пратениците да се определат јасно дали се за продолжување на европскиот пат, дали се за членство на Северна Македонија во Европската Унија или пак се за застој, враќање назад и отстапување од тој пат“, рече Маричиќ во гостувањето во вестите на „Канал 5“.
Тој рече дека верува оти ВМРО-ДПМНЕ ќе ја искористи шансата да биде на страната на членството на Северна Македонија во ЕУ, што е стратешки приоритет на земјата веќе 30 години.
Во врска со „обидите за бугаризација“ на Македонците во Албанија, Маричиќ нагласи дека тие се етаблирана заедница и имаат политичка партија – Македонска алијанса за европски интеграции, а до скоро и пратеник во Собранието, има градоначалник Македонец.
Тешката зима би можела да биде катализатор за предвремени избори
„Така силно етаблирани не треба да се плашиме од никого или од што било“, изјави Маричиќ.
Тој потенцираше дека земјава има уставна обврска да се грижи за нејзините државјани и дека државата секогаш им помагала на Македонците во Албанија.
Тој додаде дека на оваа тема ќе разговараат и со албанската Влада и изрази верување дека ќе се овозможи секој граѓанин на Албанија да се изјасни слободно за својата етничка припадност.