Руски служби стојат зад хакерскиот напад на информативната структура на Владата на Црна Гора, потврдија од Агенцијата за национална безбедност за Радио Слободна Европа.
Од Агенцијата тврдат дека се работи за напад кој се подготвувал подолг период.
„Нападната е критична државна инфраструктура“, велат неофицијално од Агенцијата за национална безбедност за РСЕ.
Последниот сајбер напад врз Владата се случи рано утринава, а владините служби се уште не соопштуваат колкава е штетата.
Претходно, премиерот во технички мандат Дритан Абазовиќ потврди дека Владата по вторпат во последните пет дена била нападната од хакери, оценувајќи дека нападите се политички мотивирани.
„Според мое скромно мислење, ова е политички мотивиран напад“, рече Абазовиќ, потсетувајќи на претходниот сајбер напад која се случи на 23 август, откако на неговата Влада и беше изгласана недоверба на 20 август.
Црногорската влада цел на голем хакерски напад
Поради последниот сајбер напад, закажана е седница на Националниот совет за информатичка безбедност.
Прв утрово на својот Твитер профил се огласи министерот за јавна администрација Мараш Дукај, кој изјави дека Црна Гора е изложена на нова серија организирани сајбер напади врз владината ИТ инфраструктура.