Штипското обвинителство ќе ја истражува смртта на 25-годишниот пациент од Берово

Илустрација

Основното јавно обвинителство во Штип ќе ја истражува причината за смртта на 25-годишниот беровчанец кој бил третиран во Клиничката болница во Штип и починал по хируршка интервенција на заб.

Издадена е и наредба за ексхумација, обдукција и идентификација на телото на починатото лице, која ќе ја изврши Институтот за судска медицина во Скопје.

Од Обвинителството информираат дека постапуваат со цел да се истражат наводите за евентуална лекарска грешка при третманот на сега починатото лице.

„Надлежниот јавен обвинител издаде повеќе наредби до МВР-СВР Штип и до ОВР Берово со цел да се прибави целокупната медицинска документација околу текот на лекувањето на починатото лице од сите приватни и јавни здравствени установи и ординации каде пациентот побарал лекарска помош. Исто така, полицијата е задолжена да изврши разговори со лекарите и со останатиот медицински персонал кој постапувал, како и со членови на семејството на починатиот пациент“, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство – Штип.

Претходно Државниот санитарен и здравствен инспекторат спроведе вонреден инспекциски надзор во Клиничката болница Штип, а проверка ќе се изврши и во сите други здравствени установи каде пациентот бил лекуван.

„Доплнително ќе се извршат и вонредни инспекциски надзори во сите здравствени установи каде пациентот побарал лекарска помош и тоа: матичен лекар, матичен стоматолог , итна медицинска помош Берово и Клиника за анестезија, ренимација и интензивно лекување – Скопје при што ќе биде обезбедена медицинската документација поврзна со лекувањето на пациентот“, соопштија од инспекторатот.

Од таму дополнително велат дека ќе иницираат и формирање на комисија за стручен надор до министерот за здравство.

Откако млад пациент почина од сепса вонредна инспекција во штипска болница

Случајот за смртта на 25 годишното момче се прошири по социјалните мрежи откако негови блиски објавија сведоштво во кое велат дека поради лекарска грешка младиот беровчанец починал од сепса поради погрешно поставен дрен.

„Само во нашата држава ,само со нашето здравство, само со нашите „професионални“ доктори во штипската болница може да се случи ова: Со 20 годишен сташ да направиш интервенција на заб и да ставиш еден обичен дрен наопаку. Па да предизвикаш сепса и пациентот да го пратиш дома со што предизвика на Ванчо животот да згасне на само 25 години“, беше објавено на социјалните мрежи.