Бугарија најавува решителен одговор за мигрантскиот притисок врз државата

Галаб Донев

Бугарија ќе има решителен одговор за интензивираниот мигрантски притисок во изминатите неколку месеци, нагласи денеска вршителот на должноста премиер на Бугарија Галаб Донев на почетокот на владина седница. Тој најави дека полицијата и армијата заедно и во координација ќе ја чуваат државната граница на Бугарија. „И покрај сомнежите за соучесништво на претставници на системот на МВР во мрежата на трговија со луѓе, убеден сум во силната мотивација на полицајците и воениот персонал кои ќе бидат вклучени во чувањето на нашите граници. Доколку е потребно – да се побара соработка и интеракција со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража Фронтекс. Сите служби, чија основна задача и функција е обезбедување на националната безбедност, да ги интензивираат активностите за спречување на таа појава, за да нема изненадувања кога 15-годишно момче со хуманитарен статус вози автобус со 47 илегални мигранти“, повика премиерот во врска со вчерашниот инцидент во Бургас, во кој загинаа двајца бугарски полицајци.

Двајца полицајци загинаа во Бугарија во обид да запрат автобус со мигранти

Според него, јавна тајна е дека трговијата со луѓе се врши преку договорени и проверени патни рути. „Штом локалното население може да ги посочи каналите на нелегален сообраќај кон Србија и Романија, преку Бугарија, за тоа треба да се известат службите. На МВР му доверувам задача да врши строга контрола и надзор на патишта каде има шверц на мигранти“, изјави тој.