Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека се надева на компромисно решение во преговорите со Приштина во наредните денови, но дека „за регистарските таблички и за некои главни прашања вакво решение воопшто не може да се постигне“. „Ние ќе ги продолжиме разговорите и верувам дека во деновите што следат ќе успееме да постигнеме компромисно решение, барем за мал дел, бидејќи е јасно дека во однос на табличките и некои крупни прашања такво решение не може да се постигне воопшто“, наведе Вучиќ, по полноќ, во обраќање на својот Инстаграм профил. По неуспешните преговори во Брисел, специјалниот претставник на Европската унија за дијалог меѓу Белград и Приштина Мирослав Лајчак и заменик-помошникот државен секретар на САД Габриел Ескобар ги посетија Приштина и Белград во обид да постигнат договор меѓу Белград и Приштина до први септември за регистарските таблички и за влезно-излезни документи.
Вучиќ- Разговори со Лајчак и Ескобар продолжуваат и вечерва
Претходно Лајчак изјави дека имал тешка, но одговорна дискусија со претседателот на Србија Александар Вучиќ. „Ги пренесов пораките и нагласив дека мора да се спроведат сите договори од дијалогот, вклучително и Договорот за слобода на движење од 2011 година“, напиша Лајчак на Твитер. По средбата со Вучиќ, Ескобар изјави дека средбата била „тешка и долга“. „Ја цениме посветеноста на претседателот за мир и стабилност. Ќе продолжиме“, рече Ескобар. Ескобар и Лајчак претходно го посетија Косово, каде што се сретнаа со косовските лидери и опозициските партии. Вчера тие имаа средба и со политичките претставници на Србите во Северна Митровица.
Курти: Приказните за употреба на сила се обиди со страв да се владее со Србите на Косово
Владата на Косово го одложи спроведувањето на своите одлуки за пререгистрација на возила со таблички РКС и издавање документи за влез/излез на српските граѓани до 1 септември, откако локалните Срби на север се побунија и поставија блокади на патиштата. Потоа Курти и Вучиќ, на 18 август се сретнаа во Брисел со цел да најдат решение, како дел од дијалогот за нормализација на односите, но без конкретен резултат.