Светиот синод на Руската православна црква на денешната седница ја призна Македонската православна црква – Охридска архиепископија, како автокефална сестринска црква. На веб страницата на Руската православна црква е наведено дека на денешната седница на Светиот синод на Руската православна црква, била слушната пораката на рускиот Патријарх Кирил за автокефалноста на Македонската православна црква – Охридската архиепископија.
„Синодот одлучи да му се заблагодари на Господ Бог за решавањето на прашањето за статусот на Православната црква во Северна Македонија на канонска основа и да ја признае Македонската православна црква – Охридска Архиепископијата, како автокефална сестринска црква, впишувајќи го името на нејзиниот Поглавар, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски Стефан, во светите диптиси,“ се вели во соопштението.
Членовите на Синодот, се вели во објавата на Руската православна црква, изразија надеж дека МПЦ – ОА, најмладата во семејството на автокефалните православни цркви, цврсто ќе ја зачува светата православна вера во чистота и интегритет и ќе ја запази верноста на православната канонска традиција.
Митрополит Тимотеј- Не ни оди во прилог да бидеме непризнаени од Москва
На 9 мај годинава, Вселенската патријаршија донесе одлука за признавање на црковната јерархија на Охридската архиепископија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет, со што започна решавањето на повеќедеценискиот спор помеѓу МПЦ-ОА и СПЦ.
Процесот за добивање на официјалниот томос за автокефалност од Вселенскиот патријарх, започна на 4 јуни со врачувањето на документот од страна на патријархот српски Порфириј на архиепископот Стефан, со кој се потврдува одлуката на Српската православна црква, објавена на 24 мај по нивното сослужување на заедничката литургија во Соборниот храм во Скопје, со која СПЦ ја одобри и упати благослов за автокефалноста на МПЦ – Охридска Архиепископија, ставајќи крај на 55-годишниот спор меѓу двете цркви.