Српскиот претседател Александар Вучиќ, по средбата со специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак и специјалниот претставник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар, изјави дека разговорите не биле лесни и дека тие ќе продолжат вечерва.
Вучиќ во видео порака на социјалната мрежа Инстаграм изјави дека разговорите не биле лесни и дека ќе продолжат вечерва во 22 часот.
„Се надевам на компромис, но секако ќе ги заштитиме интересите на Србите на Косово и Метохија“, рече Вучиќ.
Ескобар и Лајчак во Северна Митровица
Лајчак по средбата на социјалната мрежа Твитер напиша дека средбата со Вучиќ претставувала тешка, но и одговорна дискусија.
„ Ги пренесов пораките и нагласив дека мора да се спроведат сите договори постигнати во рамките на дијалогот, вклучително и Договорот за слобода на движење од 2011 година. Разговорите ќе ги продолжиме подоцна вечерва“, напиша Лајчак.
Ескобар, кој заедно со Лајчак ја напушти зградата на Генералниот секретаријат на претседателот на Република Србија каде се водеа трилатералните разговори, рече дека ја цени посветеноста за мир на српскиот претседател Александар Вучиќ.
Ескобар очекува конкретен предлог од Србија и Косово
„Имавме тежок и долг состанок со претседателот Вучиќ. Ја цениме посветеноста на претседателот за мир и стабилност. Ќе продолжиме понатаму, соопшти Ескобар, а американската амбасада го објави тоа на Твитер.
Еден ден претходно, претставниците на ЕУ и САД, одржаа состаноци со косовските претставници. Причината за овие средби е кризата настаната во Косово поради намерата на Приштина од 1 септември да почне да ја спроведува одлуката за пререгистрација на регистарски таблички и издавање документи за влез-излез на административните премини.