Од понеделник екипите на ЕВН Македонија непречено ќе работат на терен во Општина Арачиново и на тој начин ќе почне да се наплаќа струјата во оваа Општина, но и на други места, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши по состанокот со градоначалникот на Арачиново Ридван Ибраими.
До ова дојде откако жителите на оваа општина три дена останаа без струја поради дефект, но и неплатени сметки. ЕВН јавно се пожали дека до сега било небезбедно да испратат екипи на терен, бидејќи нејзини вработени биле постојано мета на физички и вербални напади од локални жители.
„Просечните годишни загуби во Општина Арачиново се околу 20.000 мегават часови на електрична енергија поради нелегални приклучоци. Преведено во пари, тоа се шест милиони евра“, соопштија од ЕВН.
Битиќи- Ако се задолжиме за да помогнеме на стопанството, некој ќе треба да го плати тоа
Претставниците на ЕВН на прес коференцијата изјавија дека очекуваат дека ќе им бидат обезбедни услови за непречена работа.
Бектеши најави дека ќе побара од МВР и другите надлежни институции да постапат во сите општини каде има големи загуби на струја, бидејќи според него, тие се на товар на сите потрошувачи на електрична енергија. Загубите на струја, како што рече, се признаваат како трошок кога се одредува цената за струјата.
Тој тврди дека најголемите загуби на електрична енергија има во 5 градови во земјава. Тој истакна дека покрај Арачиново големи загуби на електрична енергија има и во Куманово – 16,2 отсто, Тетово 10,7 отсто, Гостивар – 19,3 отсто, Кичево -12,1 проценти, Скопје – 19,6 отсто.
„Ги повикувам сите да ги почитуваат законите, одредбите од законите се со цел да не се направи штета во делот на снабдување со електрична енергија, но и во делот на електродистибутивниот систем“, рече Бектеши нагласувајќи дека крадење на струја или незаконски приклучок во дистрибутнивната мрежа е кривично дело кое се санкционира согласно закон.
Денеска се очекува Владата да донесе одлука за прогласување на енергетска криза.