Енергетската криза, мерки за справување со неа и барањата за помош на бизнисмените како и даночни реформи беа тема на разговор на средбата на владините преставници со Стопанските комори на денешната седница на Комисијата за јавно-приватен дијалог. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи по средбата изјави дека не очекува тешка зима и дека одговорноста за одлуките кои ќе се донесат за справување со енергетската криза ќе ја сносат сите.
„Ако се задолжиме за да помогнеме на стопанството, свесно ќе влеземе и стопанството и Владата во таква работа, и ќе знаеме дека некој ќе треба да го плати тоа задолжување, а дали се тоа поголеми даноци заедно ќе одлучиме, рече Битиќи пред Владата.
Денеска треба да биде прогласена кризна состојба во енергетиката
Вицепремиерот Битиќи на состанокот ги извести присутните за планот на производство на АД ЕСМ.
„Планот за производство на АД ЕСМ за 2022 година е направен со зголемување од 25% во споредба со 2021 година и со тоа ЕСМ ќе ја произведува целата електрична енергија која им е потребна на граѓаните и на малите потрошувачи, и нема потреба да купува струја. Дополнително, сите производствени капацитети од домашното производство ќе се стават во функција, и поради тоа ги уверувам граѓаните дека граѓаните не треба да се грижат, електрична енергија како и топлинска енергија ќе има доволно во текот на целата зима“, изјави Битиќи.
Тој додаде дека во 2022 година кон стопанството како државна помош се обезбедени повеќе од 70 милиони евра директна финансиска поддршка, средства кои и во криза пораснаа од претходната година а и не беа скратени со ребалансот на буџетот.
„Ова се средства кои помагаат во ликвидноста на компаниите и кои не смеат да бидат заборавени денеска кога зборуваме за партнерскиот однос и подадената рака во време на криза“, кажа вицепремиерот Битиќи.
Министерот за финансии Бесими изјавил дека буџетот е во добра кондиција, се вели во владиното соопштение. Освен Битиќи на седницата присуствуваа и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министерот за финансии, Фатмир Бесими, министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, директорката на УЈП, Сања Лукаревска, како и претседателите на стопанските комори, членки на Платформата за јавно-приватен дијалог Трајан Ангелоски (Сојуз на стопански комори), Неби Хоџа (Стопанска комора на Северозападна Македонија), Анета Антова Пешева (МАСИТ) и претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески.