Денеска е исклучена од енергетската мрежа украинската нуклеарна централа Запорожје, која е под контрола на руските сили од почетокот на март годинава. Украинскиот државен енергетски оператор Енерхоатом на 25 август на социјалната платформа Телеграм објави дека последните два реактори кои работеа во најголемата европска нуклеарна централа биле исклучени од енергетската мрежа откако пожарите во близина ги оштетиле надземните далноводи што ја поврзуваат нуклеарната централа со мрежата.
„Како резултат на тоа, двете работни енергетски единици на станицата беа исклучени од мрежата. Дејствијата на (Русите) предизвикаа целосно исклучување на централата од електричната мрежа - прво во историјата на централата“, се вели во соопштението.
Во него се додава дека во тек се напори за рестартирање на една од енергетските единици (реактор) за поврзување на мрежата.
МААЕ: многу блиску до договор меѓу Киев и Москва за пристап во нуклеарката Запорожје
Нуклеарната централа е под руска контрола од 4 март, речиси две недели откако Русија ја започна инвазијата врз Украина. На украинските инженери им беше дозволено да продолжат да работат со централата, под руски надзор. Тоа беше место на борби меѓу руските и украинските сили во последните недели, што предизвика страв од нуклеарна катастрофа.
И Украина и Русија се обвинуваат меѓусебно за гранатирање на централата.
Обединетите нации понудија помош за олеснување на посетата на инспекторите на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), но Москва инсистираше инспекторите да патуваат до централата преку територијата што е контролирана од Русија, наместо преку Украина.
Шефот на МААЕ, Рафаел Гроси, претходно на 25 август изјави дека Киев и Москва се согласуваат дека персоналот на ОН треба да оди за да ја испита ситуацијата во нуклеарната централа.