Претседателот Стево Пендаровски е скептичен дека со овој парламентарен состав ќе може да се изгласат уставните измени неопходни за вториот чекор за преговорите со ЕУ кои произлегуваат од билатералниот Протокол потпишан со Бугарија. Тој во интервју за новинската агенција Анадолу изјави дека во досега потпишаните документи нема никаква опасност кон македонскиот идентитет и јазик, а дека ставот на опозицијата е наметнат од внатрешнопартиска логика.
„Вие не можете со сила никого да натерате (да гласа), ако од сегашната опозиција мислат дека документиве се опасност за македонскиот народ. Јас не мислам така. Моја проценка е дека многу тешко ќе се дојде во овој парламентарен состав до 2/3, затоа што, колку што јас можам да проценам, опозицијата во македонскиот Парламент го чита договорот со Бугарија, односно преговарачката рамка со Европската Унија, низ партиска диоптрија,“ рече Пендаровски.
Мицкоски бара уставните измени да влезат во Собранието по одморите
Тој во интервјуто истакнува дека со сегашната политичка поларизација не може да се постигне консензус ни за стратешки прашања како што се евроинтеграциите.
„Двата главни политички блока се толку далеку и поларизацијата е толку голема што и јас навистина не верувам дека тука има минимум волја, пред сѐ поради однесувањето на опозицијата, да се договориме за некои две-три стратешки работи“, вели Пендаровски според кого не би помогнала ни можна лидерска средба иницирана од неговиот Кабинет.
Претседателот Пендаровски, е незадоволен од досегашниот процес на евроинтеграција на земјата, со оглед на тоа што по 17 години чекање со статус на кандидат, конечно почнуваат преговорите за зачленување. Според него земјава била практично заборавена од Унијата и по серија уцени, како и компромисот со Бугарија, почнавме преговори. Тој објаснува дека чекањето не се должи толку на недостигот на реформи, туку и на отворените блокади.