Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар и пратеникот на ЕУ за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, соопштија од Приштина денеска дека остануваат на Косово со цел да спречат ескалација на ситуацијата на 1 септември.
По средбата со лидерите и опозициските партии во земјата Ескобар рече дека очекува Косово и Србија да имаат конкретен предлог за решавање на проблемот со српските регистарски таблички и документи. Тој посочи и дека добил уверување дека никој не сака ескалација и насилство на 1 септември.
„Значи, денес сме тука да се погрижиме сите тие добри желби и сиот тој оптимизам да се преточат во доброто на земјата“, изјави Ескобар.
Тој повтори дека го поддржува дијалогот со посредство на ЕУ и постигнувањето решенија за, како што рече, „овие тешки прашања“.
Лајчак изјави дека имал добар разговор со косовскиот премиер Албин Курти и со претседателката Вјоса Османи. Според него, целта на ЕУ и САД е да спречат нови тензии.
„Најважната порака е дека сум тука со Габриел Ескобар, за да покажам дека единството меѓу ЕУ и САД е целосно. Работиме заедно на нормализирање на односите меѓу Косово и Србија. И второ, меѓународната заедница е многу загрижена за тоа што го видовме на теренот на 31 јули и се очекува од нас заедно, како преговарачи и од лидерите на Косово и Србија, да не дозволиме ова да се повтори на 31 август и затоа сме тука“, рече Лајчак.
Тие по посетата на Косово ќе отпатуваат за Белград. На северот на Косово, на 31 јули и 1 август, дојде до зголемување на тензиите, бидејќи локалните Срби подигнаа барикади за да се спротивстават на две одлуки на Владата на Косово за издавање документи за влез-излез на српските граѓани и промена на српските регистарски таблички. Косово до 1 септември го одложи спроведувањето на одлуките.