ЕУ ќе ја разгледува можноста за обука на украинските сили

Украински војници 15.08.2022

Министрите за одбрана на Европската унија ќе разговараат за опциите за формирање мисија за воена обука за украинските сили на состанокот од 29 до 30 август во Прага, изјави денеска шефот за надворешна политика на блокот, Жозеп Борел.

„Како ЕУ, мораме да видиме што друго можеме да направиме во однос на поддршката за Украина и зголемувањето на цената на оваа војна за Русија“, рече Борел по повод одбележувањето на Денот на независноста на Украина, шест месеци откако Русија ја нападна земјата.

На средбата, како што посочи, ќе се разговара и за прашањето за визите за руските граѓани. Борел се осврна на идејата за програма за воена обука на конференцијата во Шпанија во понеделникот, објаснувајќи дека таа нема да биде со седиште во Украина, туку во соседните земји.

ЕУ започна повеќе од 30 мисии и операции во текот на изминатите 20 години со цел одржување на мирот, спречување конфликти и зајакнување на меѓународната безбедност надвор од нејзините граници. Седумнаесет се распоредени низ целиот свет, вклучително и неодамна воспоставената мисија за обука во Мозамбик.

Борел рече дека украинските војници веќе се обучуваат во Полска, Чешка, Велика Британија и Франција, вклучително и за оружјето што го обезбедуваат овие земји за да помогнат во војната против Русија.

„Се чини разумно дека војната што трае и изгледа дека ќе трае бара напор не само во материјалното снабдување, туку и во обуката и помагањето за организирање на армијата“, рече тој.

Русија ја започна инвазијата во Украина на 24 февруари.