Косовскиот премиер Албин Курти по денешната седница на Владата изјави дека никаков погром на Србите од земјата нема да се случи.
„Сите тие приказни за употреба на сила, погроми, ликвидација на Србите, се обиди преку страв да се владее со Србите на Косово. Но, на Србите во Косово подобро им е на Косово отколку во Србија. Косово е демократска држава, додека Србија е автократија каде што нема слобода на медиумите“, рече Курти.
Српскиот претседател Александар Вучиќ на 15 август испрати порака до косовските власти алудирајќи на наводен план за предизвикување насилство на северот на Косово.
„Не сметајте на тоа дека ќе можете да извршите погром и да го протерате нашето население“, рече тој.
Вучиќ во неколку наврати тврдеше дека косовските власти планираат да предизвикаат насилство на Косово, но за таквите тврдења не даде докази или подетални информации.
Курти претставувајќи го извештајот за средбата во Брисел на 18 август на седницата на Владата на Косово во Приштина подвлече дека немало предлози од другата страна.
„Во Брисел немаше конструктивен ангажман, немаше конкретни предлози од српска страна“, рече Курти и додаде дека Мирослав Лајчак, специјалниот претставник на Европската унија за дијалог, дал четири конкретни предлози за овие прашања. Тој тврди и дека косовската страна била отворена за разговори во Брисел, но дека „другата страна ја напуштила зградата“.
Курти изјави и дека во Брисел двете страни се договориле да не откриваат детали за да се спречи ескалација на кризата и додаде дека „не сите се придржувале до тоа“.
Состанокот во Брисел беше организиран со цел да се намалат тензиите меѓу двете страни преку дијалог со посредство од Европската унија. На северот на Косово, на 31 јули и 1 август, дојде до зголемување на тензиите, бидејќи локалните Срби подигнаа барикади за да се спротивстават на две одлуки на Владата на Косово за издавање документи за влез-излез на српските граѓани и промена на српските регистарски таблички.