Украина денеска одбележува 31 година од независноста од Советскиот Сојуз, додека продолжува да се бори во шестмесечната неиспровоцирана руска инвазија во која загинаа десетици илјади луѓе. Главниот град на Украина, Киев и неколку други големи градови ги забранија јавните прослави поради предупредувањата дека Русија ќе ја искористи приликата за да нападне цивилна и владина инфраструктура.
Зеленски предупредува на „сурови“ руски акции на Денот на независноста
Претседателот Володимир Зеленски им порача на Украинците во своето ноќно видео обраќање да останат претпазливи додека го слават празникот. „Мораме да бидеме свесни дека се можни одвратни руски провокации и брутални напади“, рече Зеленски. Наместо парада, уништени и заробени руски воени возила, вклучително и тенкови, беа поставени на Хрешчатик, главната улица во Киев, како потсетник на неуспешниот обид на Москва да го заземе главниот град во првите недели од војната.
Амбасадата на САД ги повика американските граѓани да ја напуштат Украина
Вашингтон пред овој датум предупреди дека Русија може да ја искористи годишнината за да изврши засилени напади врз украинската цивилна инфраструктура и владини објекти. Во меѓувреме, Генералштабот на украинските вооружени сили на Украина соопшти дека Русија продолжува да гранатира цивилни цели низ Украина. „Воздушните и ракетни напади на руските окупатори против цивилни цели на територијата на Украина продолжуваат“, се вели во соопштението.