Министерот за надворешни работи на Литванија Габријелиус Ландсбергис денеска изјави дека ако во ЕУ не се постигне договор за забрана за издавање туристички визи за руските државјани, не исклучуваат барање решение во регионот во кој, освен Балтичките земји, можеби би биле вклучени и Полска и Финска.
Ландсбергис рече дека преферира „европско решение зашто е најодржливо и правно најисправно“.
„Ако такво решение не се пронајде, не се исклучува барање регионално решение“, рече тој, без да даде детали што би значело тоа.
Петте земји за кои зборуваше, а кои се членки на ЕУ, бараат од целата унија да престане да издава туристички визи за руските граѓани. Сепак, ЕУ не го поддржува тоа решение за ускратување на патувањата на руските граѓани поради руската агресија врз Украина.