Германските складишта со гас пополнети над 80 отсто

Илустрација

Германските складишта за природен гас се пополнети над 80 проценти, што покажува стабилен напредок, и покрај драстичното намалување на испораките од Русија.

Шефот на германскиот мрежен регулатор Клаус Милер на Твитер напиша дека складиштата „непрекинато се полнат“, но предупреди дека планираното тридневно запирање на испораките преку гасоводот Северен тек 1 од Русија наредната недела „би можеле привремено да ги смалат“ напорите.

Природниот гас се користи како енергенс во индустријата, за греење на домовите и канцелариите, како и за производство на струја. Зголемувањето на резервите беше клучен фокус на германската влада откако Русија ја нападна Украина, за да избегне рационализација за индустријата за време на зголемување на потрошувачката во текот на зимата.

Складиштата беа околу 56 отсто пополнети кога руската државна енергетска компанија Газпром, на средината на јуни, почна да ги намалува испораките преку Северен тек 1. Како причина ги наведоа техничките проблеми, но германските власти ги отфрлија тие наводи како покритие за политичката игра на моќ.

Во изминатите седмици, Северен тек 1 работи со само 20 отсто од капацитетот. Газпром во петокот најави дека гасоводот ќе биде затворен од 31 август до 2 септември, поради, како што велат, „рутинско одржување“ на компресорската станица.

Германија е една од неколкуте европски земји кои се погодени од намалувањето на испораките на руски природен гас од почетокот на војната.

Намалувањето на залихите, стравот од понатамошни прекини и големата побарувачка доведоа до тоа цените на природниот гас во Европа неколкукратно да се зголемат што ја поттикна инфлацијата и ги зголеми изгледите за рецесија во Европа.

Пред еден месец, германската влада ги заостри барања за складирање на гас. Воведоа барање складиштата да бидат 75 отсто пополнети до 1 септември, цел која е веќе надмината, и ги зголемија целите за октомври и ноември на 85, односно 95 отсто.

Освен пополнување на складиштата, властите исто така се обидуваат да поттикнат штедење на енергија.