Еврото денеска падна на новото дно во последните две децении, поради загриженоста на Европа за снабдувањето со енергија и економскиот раст, додека доларот остана силен во однос на главните ривали. Еврото е на 0,9909 долари, најниско ниво од крајот на 2002 година, а последен пат падна за 0,29 отсто на 0,9914 долари. Русија ќе ја запре испораката на природен гас во Европа преку гасоводот Северен тек 1 на три дена на крајот на месецот, што е најнов потсетник за несигурната состојба на снабдувањето со енергија на континентот. Топлотните бранови веќе ги затегнаа резервите на енергија и расте загриженоста дека секое нарушување во текот на зимските месеци може да биде погубно за деловната активност.
Гаспром најави тридневен прекин на испораката на гас за Европа
„Со оглед на расположението во моментов, очигледно постои загриженост дали тоа ќе трае три дена или три години“, вели Реј Атрил, шеф на стратегија во Националната австралиска банка. Фунтата на сличен начин достигна ново ниско ниво за две и пол години и изнесува 1,1729 долари, додека јапонскиот јен остана на 137,270 за долар. Во однос на кошницата валути, индексот на американскиот долар остана цврст на 109,12, обидувајќи се да го надмине највисокото ниво во последните две децении од 109,29 постигнато во јули.