Американски официјален претставник предупреди дека Русија планира наскоро да изврши нови напади врз цивилната инфраструктура и владините објекти во Украина. „Имаме информации дека Русија ги засилува напорите да изврши напади врз цивилната инфраструктура и владините објекти на Украина во наредните денови“, рече неименуваниот функционер, цитиран од Ројтерс. „Со оглед на досегашното искуство на Русија во Украина, ние сме загрижени за континуираната закана што руските напади ја претставуваат за цивилите и цивилната инфраструктура“, рече тој, додавајќи дека неговата изјава се заснова врз извесни информации на американското разузнавање. Неговото предупредување дојде откако украинските власти забранија јавни прослави во главниот град Киев, оваа недела по повод 31 година од независноста од советската власт, наведувајќи ја зголемената закана од напад. Денот на независноста на Украина, 24 август, се совпаѓа со шестмесечната пресвртница на руската неиспровоцирана инвазија врз Украина на 24 февруари.
Зеленски предупредува на „сурови“ руски акции на Денот на независноста
Претседателот Володимир Зеленски предупреди дека Русија оваа недела би можела да направи „нешто особено гадно, нешто особено сурово“. Украинската разузнавачка служба предупреди на можно зголемување на хакерските напади врз украинските сајтови на 24 август. Во меѓувреме, руските сили продолжија да истрелуваат ракети и артилериски гранати врз украинските градови, погодувајќи ги Никопол, Криви Рих и Синелниковски, сите блиску до нуклеарната централа Запорожје - најголемата во Европа - и раниле најмалку четири лица во текот на ноќта, напиша регионалниот гувернер Валентин Резниченко на Телеграм.
Ердоган најави разговор со Путин за украинската нуклеарна централа Запорожје
Борбите во близина на Запорожје предизвикаа стравувања од нуклеарна несреќа. Москва побара да се одржи состанок на Советот за безбедност на ОН на 23 август за да се разговара за фабриката, објави руската државна новинска агенција РИА, цитирајќи го заменик-амбасадорот во ОН Дмитриј Полјански.