Серверите на Владата на Црна Гора се цел на сајбер напад, соопшти денеска Министерството за јавна администрација, додавајќи дека ова се најсофистицираните напади што досега се случиле во Црна Гора. Како што соопшти ова министерство, прелиминарните податоци покажуваат дека нападите се состојат од комбинација на неколку различни методи на сајбер напади. „Засега е потврдено дека раното откривање на нападот овозможило клучните системи да останат заштитени, но се утврдува степенот на штетата, по што ќе бидат дадени попрецизни информации“, се вели во соопштението. Се наведува дека порталот www.gov.me бил привремено затворен, односно изолиран, со цел посоодветна одбрана од сајбер напади врз инфраструктурата на Владата. Граѓаните можат безбедно да ги користат владините служби кои се во функција“, се додава во соопштението.
Падна Владата на Дритан Абазовиќ во Црна Гора
Вработените во владината администрација во утринските часови добија известување за што поскоро исклучување на сите компјутери од мрежата за да се заштитат податоците поради сајбер активности на кои е изложена владината инфраструктура. Како што изјави за „Побједа“ директорот на Дирекцијата за јавна администрација, Душан Половиќ, станува збор за напад со откуп, чија цел е шифрирање на податоците со цел да се добијат финансиски придобивки за напаѓачите. Ransomware е злонамерен софтвер кој го заклучува нападнатиот компјутер, проследен со уцена порака со која се бара откуп за отклучување на компјутерот. Сајбер нападот на серверите на Владата се случи три дена по соборувањето на Владата на Дритан Абазовиќ во Парламентот на Црна Гора, кој сега функционира како привремен или технички, до изборот на нова Влада.