Во овој момент нема поголем проблем за македонската економија од цената на струјата. Владата мора да најде избалансирани решенија кои ќе му овозможат на бизнис секторот да преживее. Ако тоа не се случи, многу фирми ќе се затворат и ќе се изгубат голем број работни места, соопштија претставници на Стопанската комора на денешната прес конференција. Според Комората, потребна е итна реакција, бидејќи ризициите се зголемуваат. Комората очекува нејзините предлози оваа недела да бидат и прифатени од Владата. Потпретседателот на Комората Зоран Јовановски, повикувајќи се на податоците од Централниот регистар, изјави дека лани од трговскиот и од регистарот на други правни лица биле избришани 6.995 правни лица, а годинава досега, веќе биле избришани 5.324 правни лица.
Работна средба на Стопанската комора и Владата за енергетската криза
„Цената на струјата е најважното економско прашање и во моментов прашање за опстанок на македонскиот бизнис сектор. Затоа очекуваме Владата што побргу да ги прифати предлозите објавени во повеќе наврати од Стопанската комора и да преземе чекори за нивна примена. Се надеваме дека ќе се согласат со нас за сериозноста на проблемот“, подвлече Јовановски. Тој повтори дека 40 – 45 мегавати фотоволтаици се инсталирани или се инсталираат и се уште чекаат приклучок на мрежата.