Иран тврди дека Вашингтон „одолговлекува“ во индиректните преговори за заживување на историскиот нуклеарен договор и оти размената на затвореници со САД не е поврзана со нуклеарните разговори. Портпаролот на Министерството за надворешни работи, Насер Канани, на денешната прес-конференција во Техеран рече дека само неколку точки мора да се решат во разговорите, но тие се многу важни. „Американците одолговлекуваат и има неактивност од европските страни...На Америка и Европа им треба договор повеќе отколку на Иран“, рече тој, додавајќи дека Иран сака одржлив договор што ќе ги зачува неговите легитимни права. Иран го постигна Заедничкиот сеопфатен акционен план во 2015 година со САД, Франција, Германија, Британија, Русија и Кина. Со договорот Иран се согласи да го ограничи збогатувањето на ураниум под надзор на инспекторите на ОН во замена за укинување на повеќето економски санкции.
Иран навести нуклеарен договор додека САД велат дека ќе реагираат на „завршниот текст“ на ЕУ
Во 2018 година, Вашингтон еднострано се повлече од нуклеарниот пакт за време на тогашниот претседател Доналд Трамп, повторно воведувајќи санкции. Иран реагираше со постепено отстапување од своите обврски од договорот, како што е збогатувањето ураниум. Преговарачите од Иран, Русија и ЕУ, како и САД индиректно, ги продолжија разговорите за нуклеарниот договор на Техеран на 4 август во Виена по повеќемесечниот застој во преговорите. Иран се обиде да добие гаранции дека ниту еден иден претседател на САД нема да се откаже од договорот доколку тој биде обновен. Сепак, претседателот Џо Бајден не може да даде такви железни гаранции бидејќи договорот е политичко разбирање, а не правно обврзувачки договор.
Во Иран во просек се егзекутира по едно лице дневно
Канани, исто така, рече дека размената на затвореници со Соединетите држави нема да биде поврзана со нуклеарните разговори. Техеран долго време бара враќање на повеќе од десет Иранци кои моментално се држат во Соединетите држави, додека Вашингтон бара ослободување на неколку иранско-американски двојни државјани, вклучително и бизнисменот Сијамак Намази, кој беше уапсен во октомври 2015 година.