Американскиот претседател Џо Бајден, францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и британскиот премиер Борис Џонсон повикаа на воена воздржаност поради нуклеарната централа Запорожје во Украина, окупирана од Москва, повторувајќи ја својата поддршка за Киев. Во телефонски разговор, четворицата лидери повикаа и на „брза посета“ на нуклеарната локација од страна на инспекторите од Меѓународната агенција за атомска енергија, соопшти Белата куќа. Нуклеарната централа Запорожје беше заземена од Русија во март, набргу откако таа ја нападна Украина на 24 февруари. Оваа електрана, најголемата во Европа, постојано беше цел на напади во последните недели, што предизвика страв од нуклеарна катастрофа.
Путин се согласил во Запорожје да бидат испратени експерти на МААЕ
Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат за гранатирање на електраната. Во неделата, руските сили симултано гаѓаа повеќе локации во јужна Украина со артилериски и ракетен оган на 21 август, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека Москва би можела да направи нешто особено „сурово“ во наредните денови кога Киев одбележува 31 година од независноста. На 24 август, Денот на независноста на Украина, се навршуваат шест месеци откако Русија ја започна неиспровоцираната инвазија врз својот сосед. Има информации дека Москва ќе им суди на украинските борци заробени за време на опсадата на Мариупол што ќе совпадне со годишнината од независноста на Украина.